• недела, 22 декември 2024

Во Драч запленети 11 килограми кокаин откриен во контејнер со банани

Во Драч запленети 11 килограми кокаин откриен во контејнер со банани
Драч, 13 јули 2021 (МИА) - Во албанското пристаниште Драч, во контејнер со банани откриени и запленети се најмалку 11 килограми кокаин, јави дописничката на МИА од Тирана. Контејнерот со назнака „Maersk“ со банани бил натоварен во Екавдор, а меѓу нив биле скриени 14 пакетчиња со дрога. Нарачката пристигнала пред два дена, а полицијата интервенирала денеска кога од компанијата пристигнале да ја подигнат. Бананите биле нарачка од компанијата „Alba Exotic Fruit“ сопственост на Едуарт Даути. Приведени се две лица - Барјон Гумени, администратор на фирмата и брат на сопственикот и Јурген Османи, вработен во истата компанија. - Ова е вторпат оваа компанија да ја користат шверцерите со кокаин од Еквадор во Албанија. Во 2017 година, во грчкото пристаниште Пиреја, во контејнер од оваа компанија е откриена количина од 137 килограми кокаин. Во овој случај беа уапсени две лица, додека по едно се уште се трага. Вмешаност на сопственикот на компанијата не беше утврдена, пренесува Ора њуз. Даути од Франција, каде се наоѓа со семејството, изјавил за телевизијата дека немал сознанија дека во контејнерот со банани била ставена толкава количина дрога. - Во моментов сум во Франција и не знам ништо за тоа што се случило. Ќе дојдам утре во Албанија и верувам дека ќе ја разјаснам целата своја позиција и на компанијата. Контејнерот во пристаништето Драч пристигнал од пристаништето Пиреја во Грција. Мојата компанија купи банани од компанија во Еквадор. Не сум одговорен за тоа што е ставено во контејнерот по пат. Албанските шверцери ја користат мојата стока за транспорт на нивната дрога, изјавил тој. Во Драч на 1 април беа откриени 49 килограми кокаин, а на 10 април 140 килограми, скриени во контејнери со банани натоварени во Еквадор. вт/паг/  

Остани поврзан