• понеделник, 23 декември 2024

Во Дебарско со две дози имунизирани над 8 100 лица, трета доза примиле 21 лице

Во Дебарско со две дози имунизирани над 8 100 лица, трета доза примиле 21 лице
Дебар, 25 октомври 2021 (МИА) - Во општините Дебар и Центар Жупа со процесот на имунизација против Ковид-19 со две дози опфатени се над 8 100 граѓани, а се зголемува и интересот за трета доза, која до сега ја примиле 21 лице. -Во вакциналниот пункт при Општата болница со проширена дејност во Дебар една доза на вакцина имаат примено 7 885 лица од општините Дебар и Центар Жупа, додека со две дози опфатени се 6 945. Ако се има предвид дека над 1 200 лица се вакцинирани во пунктови во Скопје и Охрид, тогаш вкупната бројка на имунизирани со две дози е над 8 145 лица, информираше доктор Љуљзим Стрикчани, одговорен во службата за имунизација во оваа здравствена установа. Според него, по препораката на Националниот комитет за имунизација трета доза може да примат граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на производителите Синовак и Синофарм, а ја примиле 21 лице, но интересот расте. Додава дека се аплицира вакцината Фајзер од која има доволно количини. Што се однесува до епидемиолошката состојба со Ковид-19, на подрачјето на двете општини, Дебар и Центар Жупа, овој месец опасниот вирус е потврден само кај четири лица, во списокот на оздравени се внесени 61, додека моментно има шест активни случаи со блага форма на болеста. вт/вг/

Остани поврзан