• вторник, 24 декември 2024

Во Грција потврдена мутација од Уганда на коронавирусот

Во Грција потврдена мутација од Уганда на коронавирусот
Атина, 26 февруари 2021 (МИА) – Видот Lineage A.23.1/Uganda, односно мутацијата на коронавирусот од Уганда, е потврден во Грција, а зголемен е бројот на случаи од британската мутација, покажуваат податоците од Националната организација за јавно здравје, јави дописничката на МИА од Атина. Од 487 анализирани позитивни случаи од периодот од 5 јануари до 18 февруари, потврдени се 242 мутации, од кои 226 се од британскиот вид (Β.1.1.7/UK lineage), 12 од јужноафриканскиот (LineageB.1.351/South Africa) и еден од Уганда (Lineage A.23.1/Uganda). Во Грција има вкупно 990 случаи од британската мутација, од кои повеќе од половина се во областа Атика, поширокиот регион на Атина. Токму поради раширеноста на британската мутација, но и поради зголемениот број нови случаи во конкретната област, веројатно е дека ќе бидат продолжени рестриктивните мерки, односно строгиот карантин воведен на 11 февруари, што е во сила до недела. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на владината седница во средата, рече дека зголемувањето на случаите, особено во Атика, де факто ја оддалечува намерата за постепено отворање на 1 март. Конечните одлуки за евентуалното продолжување на карантинот, ќе бидат соопштени попладнево на редовната прес конференција, откако претходно надлежната комисија на епидемилози ќе достави соодветна препорака до грчката Влада.ср/сд/

Остани поврзан