• петок, 22 ноември 2024

Во Гостивар заврши проектот „Разликите нè зближуваат“

Во Гостивар заврши проектот „Разликите нè зближуваат“
Гостивар, 23 јуни 2022 (МИА) - Со доделување на сертификати за учество и благодарници, означен е крај на проектот „Разликите нè зближуваат“ во кој дваесетина основци со различна верска и национална припадност се запознаваа меѓусебно. На завршната активност, децата од 4 до 8 одделение и претставници на локалната самоуправа пред пошироката јавност ги споделија нивните искуства од изминативе три денови кои посочуваат дека препознавањето на различностите треба да придонесе кон поголема меѓусебна почит. Во рамки на проектот, тие проследија предавање на тема за различностите, на кое беше кажано дека во градот има четири побројни етнички групи и две верски заедници. За нив беа организирани изложба со слики од стариот Гостивар и позначајните објекти кои се белези на градот. - Децата имаа можност да ги посетат „Беговата кука“, куќата на Ахмед Чако, се качија на Саат кулата. При посетите на градската џамија и соборниот храм црквата Пресвета Богородица присуствуваа и на верските обреди, беше кажано на завршната презентација на проектот. Организаторите споделија дека проектот имал и едукативна компонента, преку која учесниците се запознаа со природните убавини и реткости на Националниот парк Маврово. Таму со помош на планински водич прошетаа по патеката на „Петко“ и притоа видоа некои од ендемските видови на растенија и животни кои живеат во овој крај. Низ дружењето децата учеа и за сликарската техника, па имаа можност да бојат и цртаа со акрилни и маслени бои, а нивните дела беа изложени за гостите кои дојдоа на презентацијата. Проектот „Разликите нè зближуваат го реализира Здружението за култура спорт и образование „Анисија“ со поддршка на општина Гостивар. згм/ар/  

Остани поврзан