• петок, 14 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Виница одбележана 24-годишнината од загинувањето на армискиот капетан Кирчо Димитриов

Во Виница одбележана 24-годишнината од загинувањето на армискиот капетан Кирчо Димитриов

Виница, 4 март 2025 (МИА) – Општинската организација на резервни офицери и Општина Виница со пригодна свеченост денеска ја одбележаа 24-годишнината од загинувањето на армискиот капетан Кирчо Димитриов, кој настрада од мина кај караулата во близина на селото Танушевци.

Пред неговата биста во кругот на Локалната самоуправа на Виница се одржа панихида, а членови на семејството, претставници од Армијата, полицијата, како и од јавните институции и граѓански здруженија положија свежо цвеќе.

-И по толку години од нечесната смрт на нашиот сограѓанин, се собравме гордо да му оддадеме почит на бранителот и херој. Неговата жртва уште живее и сведочи дека нема повисока вредност, поголема доблест од тоа да се стави сопствениот живот во одбрана на земјата. Младите генерации треба да учат како се сака, како се чува и како се гради татковината за себе, но и за генерациите што доаѓаат, истакна Миле Петков, градоначачник на Општина Виница.

Кратко сеќавање на околностите во кои загинаа Димитриов и уште двајца припадници на АРМ, евоцираше Гоце Георгиев, претседател на организацијата на резервни офицери од Виница.

-На тој кобен 4 март 2001 година не загина само нашиот капетан, туку на браникот на татковината своите животи ги положија и неговите водници Дејан Јакимовски од Куманово и Теодор Стојановски од скопско Драчево. Ги извршуваа своите задолженија од претпоставените, но настрадаа во периодот кога државата ги преживуваше најтешките моменти од својата понова историја. Со неговата смрт ние изгубивме човек за пример, но не треба да се заборават и другите припадници на армијата кои загинаа во воениот виор, истакна Георгиев.

Во рамки на одбележувањето на годишнината од загинувањето на капетанот Димитриов, ученици од ОУ „Гоце Делчев“ од Виница се претставија со кратки рецитали, музички точки и патриотски напеви. та/хс/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан