• петок, 22 ноември 2024

Во Велес се одржаа 55 Детски Рацинови средби

Во Велес се одржаа 55 Детски Рацинови средби

Велес, 11 ноември 2022 (МИА) - Во изминатите два дена во Велес, градот на Рацин се одржаа 55 јубилејни Детски рацинови средби на кои учествуваа ученици од Велес и од основните и средни  училишта од земјава, учесници на литературниот,  ликовниот, рецитаторскиот и другите распишани конкурси. Средношколката Јана Костовска од Скопје, под менторство на проф. Снежана Станкова на завршната свеченост попладнево во салата „Бели Мугри“ во Велес ја доби Гран – при наградата за песна на тема „Рацин поет на болката и љубовта“.

 Наградата Гран-При за ликовна творба ја доби седмоодделенката Даниела Теова од ООУ „Васил Главинов“ Велес под менторство на Снежана Стефановска.

На 55 детски Рацинови средби беа доделени многу пофалници и награди за прво, второ и трето место на литературниот и ликовниот конкурс за основци и средношколци од цела Македонија на тема  „Рацин-поет на љубовта и болката“.

Инаку Рациновите средби започнаа вчера со „Цветен пат за Рацин“ на кој учествуваа најмалите децата од велешките градинки „Димче Мирчев“, кои носеа цветови за спомениците на Рацин во Велес каде танцуваа и пееја. Воедно со нив како гостин на Детските рацинови средби, како и многупати досега, беше ликовниот уметник Живко Поповски - Цветин. Тој им нацрта и подари  големи паноа со цветови и во средината на сликите испишани стихови од познати песни на Кочо Рацин од стихозбирката „Бели Мугри“.
 
Во рамките на 55-те Детски Рацинови средби традиционално учесиците беа во посета на Спомен костурницата од НОВ каде меѓу загинатите борци почива и Коста Солев Рацин. Учесниците на средбите ја посетија и Спомен куќата на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во стариот дел на Велес.

Годинава Детските рацинови средби ги организира ЗГ „Плус публика под покровителство и со финансиска подршка на Општина Велес.

Инаку Детските рацинови средби беа последна содржина од годинашната богата програма на Општина Велес, по повод 9 Ноември, Ден на ослободување на Велес и Ден на градот. ад/сст/

 

Остани поврзан