• четврток, 21 ноември 2024

Во Велес одбележани 120 години од Солунските атентати

Во Велес одбележани  120 години од Солунските атентати

Велес, 28 април 2023 (МИА) - Под слоганот „Се арчиме за Македонија“ Општина Велес денеска одбележа 120 години од познатите Солунски атентати на Гемиџиите или Солунските атентатори, група млади интелектуалци од кои поголемиот дел биле велешани. Тие 28 до 30 април во 1903 година во Солун тие со динамитните акции, а под слоганот „Се арчиме за Македонија“ сакале да ги свртат вниманието на Европа за неподносливите услови на македонскиот народ под Отоманската империја.

Во воздух биле кренати бродот „Гвадилкивир“, Отоманската банка, Електричната централа, а бил направен обид во воздух да се крене и централната пошта во Солун и да се минира железничката пруга Солун – Деде Агач. Во тие акции како што претходно решиле единствена жртва односно саможртва биле тие самите, а најголемиот дел од нив и загинале во нив.

Повеќето од нив биле интелектуалци на возраст од 18 до 22 години, тоа се: Јордан Поп Јорданов, раководител на Кружокот, Димитар Мечев, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов сите од Велес и Павел Шатев од Кратово и Марко Бошњаков од Охрид. Нивните имиња се запишани во македонската историја како патоказа за љубовта кон Македонија за сегашните и идни генерации Македонци.

Чествувањето на јубилејот 120 години од Солунските атентати денеска традиционално започна пред споменикот на Гемиџиите кај Вардар во Велес каде повеќе делегации и нивните потомци положија венци и букети со свежо цвеќе. Тие им се поклонија на Гемиџиите и на нивното херојско дело, кое е пример за секој Македонец за тоа колку може да се сака Македонија, а по цена на тој пат свесно да се саможртвува сопствениот живот.

Попладнево во просториите на историската постановка на Народниот музеј се одржа Свечена академија на која свое обраќање имаше градоначалникот Марко Колев.

- Да се биде од Велес, значи да се расте слушајќи за Гемиџиите. Длабоко во нас е вкоренета нивната саможртва, како пример за љубов кон татковината.

Денес се потсетуваме на Солунските атентатори и се гордееме со нивната големина. 120 години подоцна нивното дело сè уште жубори во нас и не задолжува да продолжиме по истиот пат.

Не штедејќи се себеси да љубиме, да работиме, да се бориме. Не штедејќи се себеси да се арчиме за Македонија! Слава им, порача градоначалникот Колев.

На тема „По стапките на Гемиџиите пред 120 години и потоа“ свое излагање имаше проф. д-р Ѓорѓи Малковски.

Свеченоста беше збогатена со драмски перформанс МДПС премиера и музичко-уметнички колаж во изведба на Орхидеја Дукова и Сашко Костов, Претходно двајцата во дует тие денеска пред споменикот на Гемиџиите ја испеаја до збор целата македонската химна и химната на Општина Велес „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“.

Програмата започна синоќа кога драмската група на велешките гимназијалци во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ пред бројна публика“ на големата сцена со голем успех и аплаузи ја изведоа претставата „Самооткажаните“. ад/ир

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан