• среда, 20 ноември 2024

Во Бугарија им беше оддадена почит на жртвите од терористичкиот напад на аеродромот во Бургас пред 10 години

Во Бугарија им беше оддадена почит на жртвите од терористичкиот напад на аеродромот во Бургас пред 10 години
Софија, 18 јули 2022 (МИА) - Бугарија денеска одбележува десет години од терористичкиот напад на аеродромот во Бургас, во кој загинаа петте израелски туристи и еден бугарски државјанин, а повредени беа 35 лица, јави дописникот на МИА од Софија. На комеморацијата во Бургас присуствуваа амбасадорите на Израел и на САД во Бугарија Јорам Елрон и Херо Мустафа, градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, регионалниот гувернер Стојко Танков, директорот на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Бургас и поранешен министер за внатрешни работи во 2012 година Цветан Цветанов, национални претставници и роднини на починатиот. - Тежок и трагичен момент но, овој настан покажува дека тероризмот нема да победи, изјави Јорам Елрон, амбасадор на Израел во Софија. Бугарската Влада преку писмено соопштение објавено на Фејсбук го осуди терористичкиот акт од 2012 година и го прогласи за варварски, наведувајќи дека бугарските власти остануваат непопустливи кон насилство, омраза и посегнување по животите на невините граѓани. Тероризмот нема оправдување. Во борбата против него, обединети од нашите пријателски односи, продолжуваме да развиваме плодна соработка со израелската страна во интерес на просперитетот на нашите два народа, се наведува во соопштението на бугарската Влада. Две години по нападот, Државната агенција за национална безбедност на Бугарија го објави идентитетот на напаѓачот, Мохамед Хасан Ел Хусеин од Либан. Тој, покрај либанско имал и француско државјанство, а додека бил во Бугарија користел лажна лична карта. Двајцата помагачи на напаѓачот, Мелиад Фарах и Хасан Ел Хаџ се осудени во отсуство на доживотен затвор без помилување. На крајот од судењето на наследниците на жртвите им беше досудена рекордна отштета од 50 милиони евра, помагачи се уште се бараат со црвена потерница од Интерпол. Поранешниот тогашен министер за внатрешни работи на Бугарија, Цветанов, тогаш објави дека зад нападот на паркингот на аеродромот во Бургас стои терористичката група Хезболах. нк/ми/

Остани поврзан