• понеделник, 23 декември 2024

Во Битола кампања за бесплатна правна помош

Во Битола кампања за бесплатна правна помош
Битола, 29 јули 2022 (МИА) - Во рамки на проектот „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” која е дел од програмата ‚„Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022ʻʻ, претпладнево во Битола, пред градскиот пазар, ќе се реализира кампањата за бесплатна правна помош. Станува збор за дел од серијата активности за подигање на свеста, чијашто цел е да се промовира користењето на бесплатната правна помош во Северна Македонија. Реализаторите ќе се обидат да допрат до разни локални заедници за да им дадат детални информации за тоа каде и како можат да најдат бесплатна правна помош и кои институции односно организации ја даваат. За време на настанот, учесниците ќе имаат можност да им постават прашања на експерти од областа и да добијат одговори, како и да добијат лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за коишто може да се побара и добие бесплатна правна помош, вклучувајќи семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита. Информативните активности, организирани во 12 општини во Северна Македонија се очекува да ги зајакнат знаењата за бесплатната правна помош меѓу жителите на локалните заедници, но, исто така и меѓу правните професионалци, на тој начин подржувајќи поширок пристап и искористување на овие правни услуги, со особен фокус на ранливите групи, како што се жените и децата. Настанот се организира во рамки на заедничкиот проект на Европската унија и на Советот на Европа Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”, во тесна соработка со Министерството за правда и останатите членови на Националното координативно тело за бесплатна правна помош: подрачните одделенија на Министерството за правда, граѓански организации и правни клиники овластени да да даваат бесплатна правна помош. мт/свс/  

Остани поврзан