• недела, 22 декември 2024

Во Битола врачена наградата за животно дело на актерот Петар Мирчевски

Во Битола врачена наградата за животно дело на актерот Петар Мирчевски
Битола, 3 октомври 2021 (МИА) - Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска вечерва на актерот Петар Мирчевски му ја врачи наградата за животно дело која традиционално се доделува на празникот на градот, 4 Ноември. Свеченоста се одржа во новиот, реконструиран импозантен објект, Офицерски дом во Битола кој по долго време вечерва ги отвори вратите на посетителите. -Битолчани од денес го имаат својот објект, Офицерскиот дом кој постојано ќе биде отворен. Ова е почеток на нови бројни настани, а првиот беше посветен на добитникот на наградата за животно дело, актерот Петар Мирчевски. Со овој настан се става печат на мојот мандат, бев посветена за овој објект и еве Офицерскиот дом го отворивме на празникот на градот, рече меѓудругото Петровска.   Наградата за животно дело е големо признание и затоа се поклонувам на публиката, се поклонувам на битолчани, посочи актерот Петар Мирчевски. -Горд сум што можев на својот мајчин македонски јазик да го промовирам мојот матичен театар, мојот град и мојата земја. Благодарам на публиката која секогаш ме поддржува и мотивира. Ви се поклонувам, рече Мирчевски. Празникот на градот го честита и новоизбраниот градоначалник на Битола Тони Коњановски. -Сакам посреќна Битола и затоа ќе работам на тоа да се врати насмевката на битолчани. Прекрасен е Офицерскиот дом и ние ќе се грижиме за правилна намена и програмски да живее и функционира овој објект, истакна Коњановски. Празничната програма по повод 4 Ноември Денот на ослободувањето на Битола продолжува утре претпладне со полагање цвеќе на партизанските гробишта и средба на градоначалничката Петровска со претставници на Сојузот на борците од тој град. мт/аа/

Остани поврзан