• петок, 22 ноември 2024

Во Берлин на Светска специјална олимпијада и двајца атлетичари од Тетово

Во Берлин на Светска специјална олимпијада и двајца атлетичари од Тетово

Тетово, 8 јуни 2023 (МИА) - Атлетскиот селектор Ифраим Љута и натпреварувачот Агрон Хајредини ќе го претставуваат Тетово во групата спортисти од Македонија кои ќе учествуваат на Светските олимписки игри за лица со попреченост што ќе се одржат во Берлин, Германија од 15 до 26 јуни. 

 

Селекторот Љута покрај со Агрон Хајредини на игрите ќе се се натпреварува и со атлетичарката Јулијана Петровска  од Скопје. 

 

- Од февруари интензивно се подготовуваме. Ние со тоа што сме работеле до сега, задоволни сме. Се надеваме на успех, се надеваме дека ќе добиеме и медали како и минатата специјална олимпијада, кога освоивме  четири медали. Се надевам дека ќе немаме повреди. Тренираме контролирано и претпазливо. Агрон и Јулијана ќе настапат на трка спринт на 50 метри и скок во далечина, информираше Ифраим Љута.

 

Покрај атлетичари, Специјалната олимпијада на Северна Македонија ја сочинуваат и екипи во кошарка, женска конкуренција и бадминтон и поединци пливачи. 

 

- Ова е инклузивен спорт и се одржува еднаш во четири години. Бидејќи во Берлин почнува Олимпијадата на 15 јуни ќе одиме на 12 јуни за да имаме три дена за аклиматизација, информира селекторот на атлетичарите. 

 

Ифраим Љута како атлетичар натпреварувач има настапувано за АК Љуботен Тетово и АК Работнички Скопје. Како тренер десетина години работел во АК Студенти, а сега во АК Шкендија Тетово. ас/зс/

 

 фото МИА

Остани поврзан