• среда, 20 ноември 2024

Во Амстердам судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи

Во Амстердам судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи

Амстердам, 8 ноември 2024 (МИА) – По фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив, синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестинските демонстранти и израелските навивачи.

Како што пренесе ДПА, локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи. Ајакс го доби натпреварот со 5 спрема 0.

Според информациите на амстердамската телевизија АТ5, демонстрантите фрлале со столчиња кон навивачите на Макаби. Мобилните единици на полицијата ги штителе Израелците и ги придружувале до нивните хотели.

Во попладневните часови имало и судири меѓу израелски фудбалски навивачи и безбедносните сили во центарот на градот. Според полицијата, околу десетина лица се уапсени поради нарушување на јавниот ред и мир и недозволено поседување огномет.

Дури и пред натпреварот, наводно имало изолирани расправии во близина на стадионот во југоисточниот дел на градот. Според полицијата, околу 200 демонстранти се обиделе да стигнат до објектот.

Градската администрација претходно забрани демонстрации директно пред арената Јохан Кројф и назначи алтернативна локација во близина за собирот. Сепак, мобилните единици на полицијата ги држеле демонстрантите подалеку од стадионот. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан