• петок, 22 ноември 2024

Во Албанија инфлацијата во април падна на 4,6 отсто 

Во Албанија инфлацијата во април падна на 4,6 отсто 

Тирана, 8 мај 2023 (МИА) - Инфлацијата во Албанија покажува значителни знаци на забавување шести месец по ред, почнувајќи од ноември 2022 година, објави денеска државниот Институт за статистика, ИНСТАТ.

Институтот наведува дека инфлацијата во април изнесува 4,6 отсто, наспроти 6,2 отсто истиот месец минатата година.

Во март инфлацијата беше 5,3 отсто од 7,1 отсто колку што била во февруари.

- Во однос на март 2023 година, цените во групата „Мебел, апарати за домаќинство и одржување на домот“ се зголемени за 0,9 отсто, потоа во групата „разни стоки и услуги“ за 0,6 отсто, „алкохолни пијалаци и тутун“ и „забава и култура“ “ со по 0,5 отсто, „хотели, кафулиња и ресторани“ со 0,4 отсто, „здравје“ со 0,3 отсто, „комуникација“ со 0,2 отсто, „облека и обувки“ и „образовна услуга“ со по 0,1 процент.

Од друга страна, цените на групата „транспорт“ се намалени за 1,1 отсто, како и во групата „Храна и безалкохолни пијалаци“ за 0,2 отсто.

Инаку, највисоко ниво на инфлација во Албанија беше забележано во октомври минатата година, кога достигна 8,3 отсто, по што почна благо да се намалува. Така, во ноември беше 7,9 во декември 7,4 и во јануари 7,2 отсто.

Централна банка на Албанија предвидува дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува со брзо темпо во останатите месеци и се очекува таа да падне на 2,4 отсто до средината на следната година. вт/паг/


Фото: ИНСТАТ

 

Остани поврзан