• понеделник, 23 декември 2024

Во Албанија зголемен бројот на заразени со ХИВ/СИДА, само во еден месец заразени осум лица

Во Албанија зголемен бројот на заразени со ХИВ/СИДА, само во еден месец заразени осум лица

Тирана, 2 мај 2023 (МИА) - Според официјалниот извештај на Заводот за јавно здравје на Албанија, во првиот квартал од годинава и тоа само во период од еден месец потврдени се осум нови случаи со ХИВ/СИДА, од нив петмина мажи и три жени.

Петмина од заразените се од Тирана, двајца од Елбасан и еден од Берат.

- Оваа полово пренослива болест од година во година продолжува да го зголемува бројот на заразени. Во повеќето случаи, заразени се млади луѓе. Во однос на возраста, еден случај припаѓа на возрасната група од 16-24 години, три случаи од 25-34 години, еден случај од 35-44 години и три случаи припаѓаат на возрасната група од 45-54 години. Сакам да ја изразам нашата загриженост дека повеќето од заразените доаѓаат во стадиум на СИДА, вели Невала Круемади, инфектолог.

Во земјата функционираат 14 советодавни центри и има доброволно бесплатно тестирање, како форма на превенција, но, според надлежните лицата се тестираат кога болеста веќе е во повисок стадиум.

Во моментов во Албанија, 780 возрасни и 12 деца со ХИВ се вклучени во шемата за лекување. Едно од децата, сега на двегодишна возраст, според тврдењето на родителите, кои биле негативни на тестот, било заразено како бебе во 2021 година, при добивање здравствена услуга,  поради што покренале и судски процес. 

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2022 година се идентификувани 80 нови случаи на ХИВ-СИДА. Најголем број на дијагностицирани случаи дури 61 се од машкиот пол. Како последица на болеста починале 11 лица, од кои пет биле дијагностицирани истата година.

Најпогодени се тинејџерите и младите. Возрасната група е намалена, има под 20-годишна возраст, при што има пациенти на 14 или 15 годишна возраст и со генитални инфекции и со ХИВ/СИДА.

Првиот случај на заразен од ХИВ/СИДА во Албанија е регистриран во 1993 година, од кога официјалната бројка на заразени е над 1.100, но се верува дека тој број е многу повисок. Од оваа болест до сега починале околу 200 лица. вт/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан