• понеделник, 23 декември 2024

Во Албанија за три години бебешки бонус добиле над 140.000 новороденчиња 

Во Албанија за три години бебешки бонус добиле над 140.000 новороденчиња 

Тирана, 6 февруари 2022 (МИА) - Во изминатите три години, од кога почна да се применува владината одлука, во Албанија бебешки бонус добиле над 140.000 новороденчиња, објави министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу.  

 - Бебешкиот бонус е нова социјална политика што Владата ја спроведува од 1 јануари 2019 година и ги поддржува младите семејства, без разлика на социо-економскиот статус. Бонус во овие три години користеле над 140.000 деца регистрирани во матичната книга на родените во Албанија, без разлика дали се родени овде или во странство, наведува Манастирлиу. 

Таа додава дека родителите на новороденчињата го добиваат ваучерот во породилиштето каде што вршат итна регистрација на детето, избегнувајќи ги сите „доцнења и бирократски однесувања што се случувале претходно“. 

Како што јави дописничката на МИА од Тирана, со владината програмата родителите на првородено дете добиваат бонус во износ од 40 илјади леки (325 евра), за второродено 80 илјади, а за третородено дете и понатаму по 120 илјади леки. Доколку се близначиња, тројка или повеќе бебиња, секое добива по идентичен износ. 

Деновиве албанскиот премиер Еди Рама, преку објава на социјалните мрежи, најави дека Владата и во текот на годинава ќе исплаќа бебешки бонус за секое новороденче. 

„И оваа година го гарантираме бонусот за секое родено дете, во Албанија или во странство, кое ќе биде запишано во матичната книга на родени во земјава. Децата пред сè“, напиша Рама. вт/паг/ 

 

Остани поврзан