• понеделник, 25 ноември 2024

Воридис: Регуларно ќе се одржат парадите за националниот празник на 28 октомври

Воридис: Регуларно ќе се одржат парадите за националниот празник на 28 октомври
Атина, 4 октомври 2021 (МИА) – Регуларно со почитување на здравствените мерки ќе се одржат парадите за 28 октомври, рече министерот за внатрешни работи на Грција Макис Воридис во интервјуто за државната телевизија „ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина. Станува збор за традиционалната воена парада што секоја година за грчкиот национален празник се одржува во Солун, а учениците ќе парадираат во Атина и другите грчки градови. Воридис истакна дека и официјално ќе биде соопштена владината одлука, а ставот дека парадите ќе се одржат регуларно го оправда со тоа што објасни дека повеќето активности во земјата се отворени, секојдневно се одржуваат протести и „не можеме да кажеме дека само парадите нема да се одржат“. Од друга страна Солун, поради влошената епидемиолошка состојба, од петокот е во црвената зона со воведен полициски час и забрана за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден. Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ во однос на парадите рече дека 28 октомври е за три седмици и континуирано се разгледуваат епидемиолошките податоци, но истакна дека кога не постои поинаква одлука, тогаш се си функционира нормално и регуларно. Воената парада во Атина на 25 март се одржа во присуство на високи гости, но без публика поради пандемијата. ср/ссм/

Остани поврзан