• вторник, 26 ноември 2024

Воената хунта во Нигер одби да се сретне со делегација на ЕКОВАС

Воената хунта во Нигер одби да се сретне со делегација на ЕКОВАС

Ниамеј, 8 август 2023 (МИА) - Воениот режим, што дојде на власт по државен удар во Нигер, ја информираше Економската заедница на западноафриканските земји – ЕКОВАС, чија делегација сакаше да замине во Ниамеј, дека во моментов не може да одржи средба со неа од безбедносни причини, пренесуваат француските медиуми.

„Актуелниот контекст на гнев и бунт меѓу населението по санкциите воведени од ЕКОВАС не дозволува оваа делегација да биде пречекана мирно и без ризик за безбедноста“, напиша  министерот за надворешни работи на Нигер во официјалното писмо упатено до претставништвото на меѓународна организација во Ниамеј.

Одложувањето на денешната мисија во Ниамеј „се чини неопходно, како и ревизијата на одредени аспекти од програмата, вклучително и средби со одредени поединци, кои не можат да се одржат од очигледни безбедносни причини во ова опкружување каде што постои закана од агресија против Нигер“, се додава во писмото со вчерашен датум, а чиј примерок денеска го доби агенцијата Франс прес.

ЕКОВАС се закани со воена интервенција во Нигер доколку претседателот Мохамед Базум, соборен со државен удар на 26 јули, не биде вратен на функцијата.

Заканата беше упатена во форма на седумдневен ултиматум даден на војската на Нигер од лидерите на 15-те земји членки на оваа западноафриканска организација.

Новата срдба на шефовите на државите на ЕКОВАС за ситуацијата во Нигер е закажан за в четврток во Абуџа, главниот град на Нигерија, земјата која во моментов претседава со организацијата. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан