• понеделник, 23 декември 2024

Водата за пиење во Тетово е безбедна

Водата за пиење во Тетово е безбедна
Тетово, 4 ноември 2021 (МИА) - Водата за пиење во Тетово е безбедна за користење покажале дополнителните испитувања на Центарот за јавно здравје по појавата на невообичаен вкус и мирис пред два дена. Оттаму велат дека сега водата за пиење може да се користи без ограничувања. -Препораката да не се пие се повлекува. Поради исклучување на дотокот од новиот водоснабдителен систем имаше недостаток во поедини делови од градот. Од попладневните часови водата од новиот систем постепено ќе биде вклучена но овој пат само од река Пена, а не и од Лешничка река, информира д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје. Веќе петта година се случува во периодот октомври-ноември да има ваква промена кај водата која добива невообичаен вкус и мирис. Испитувањата покажаа дека  непријатниот мирис и вкус доаѓа од вегетацијата, осносно најмногу од лисјата од дрвата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница. Притоа доаѓа до нивно распаѓање кое го создава непријатниот вкус и мирис. Центарот секојдневно прави контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод. Оваа појава минатите години се надминуваше и со засилено хлорирање, а според досегашните искуства непријатниот мирис и вкус исчезнуваше за неколку дена. И во светската теорија и пракса, постојат вакви примери кога се користат површински води, како што е со новиот водоснабдителен систем кој зема вода од планинските реки. Озонирање или користење на јагленов филтер е можноста да се отстрани непријатниот мирис и вкус. ас/свс  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан