• понеделник, 23 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ со демант на објавата на Каракачанов за бугарски пасоши на партиски функционери

ВМРО-ДПМНЕ со демант на објавата на Каракачанов за бугарски пасоши на партиски функционери
Скопје, 11 март 2021 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на објава на Фејсбук на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, нагласувајќи дека „најостро ги демантира лагите“ што тој ги објавува и дека ниту еден од посочените функционери на партијата немаат бугарски пасош. Според ВМРО-ДПМНЕ, денешната објава на Каракачанов е класична лажна вест. - Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја, се додава во партиското соопштение. Натаму ВМРО-ДПМНЕ наведува оти Владата постојано молчи на провокациите на Каракачанов, како во случајот со објавата на картата на Санстефанска Бугарија и „редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19-от век“. - ВМРО-ДПМНЕ е единстевиот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги. Ако Владата молчи, ВМРО-ДПМНЕ не молчи и тоа многу го боли Каракачанов, наведува партијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, „оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста“. - Лагите кои денес Каракачанов ги лиферуваше на својот Фејсбук профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата Влада не ги спасува ништо од се поизвесниот крај, ниту спиновите, ниту лагите на Каракачанов, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов утрово на својот Фејсбук профил објави список на имиња на членови на македонската опозиција за кои тврди дека имаат бугарско државјанство. Меѓу нив се споменуваат имињата на Антонио Милошоски, Александар Николоски, Филип Петровски и други. - Деновиве ги ископав веб-страниците на бугарските општини и доволно е да се погледне објавениот список на избирачи за да се најдат многу интересни имиња, сите луѓе од Македонија, кои стекнаа бугарско државјанство врз основа на декларираното бугарско потекло и се идентификуваа како етнички Бугари, наведува Каракачанов во објавата на Фејсбук. Во однос на објавата на Каракачанов на социјалните мрежи на картата на т.н. Санстефанска Бугарија, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во вторникот изјави дека смета оти станува збор за предизборен фолклор во пресрет на парламентараните избори во Бугарија. - Колку поголема реакција ова ќе предизвика кај нас, можеби ќе има поголем ефект, а можеби тоа било и идејата. Ние што навистина сакаме добрососедство и пријателство треба да сме внимателни во тоа што го зборуваме и го објавуваме на социјалните медиуми. Посебно треба да избегнуваме изјави и објави коишто наликуваат на територијални претензиии и се против Договорот за пријателство и нашето сојузништво во НАТО, додаде Димитров. Премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека потегот на Каракачанов го смета за изборен фолклор и дека секое коментирање би значело вмешување во предизборието во Бугарија. нд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан