ВМРО-ДПМНЕ е наследник на Ванчо Михајлов, го прифаќа и се гордее со него, порача Ковачевски
- Мојот личен став и ставот на мојата партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет. Ставот е ист, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање
Скопје, 28 април 2022 (МИА) - Мојот личен став и ставот на мојата партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет. Ставот е ист, порача претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање поставено од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, за ставот на Владата за отворањето на Бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола и како дошло до негово отворање.
- Мојот став е ист и кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осуденото лице за криминал и бегалец Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист и кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и на вашата партија и вашите сопартијци во најголемиот криминален проект - Скопје 2014, истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека не му е познато дали опозицијата има слика од Михајлов во „Белиот дворец“, но како што рече знае дека токму ВМРО-ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов.
- Тоа е срамно и недозволиво. Исто како што ваши членови беа на отворањето во Битола, водени од градоначалник на ВМРО ДПМНЕ. Срамно е што вие во вашиот сСатут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров и на Протогеров, за кого редовно пеете песни. Патем, токму нивниот ученик и соработник Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации. Како што сложно тројцата претходно, учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери. Како што тој срамен лик бил водач на ВМРО во 20-тите години на минатиот век, а вие тоа го прифаќате и се гордеете со тој континуитет, рече Ковачевски.
Тој посочи дека дел од основачите на Клубот „Ванчо Михајлов“ се фотографирани со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека токму таа партија го слави ликот и делото на Михајлов.
- Прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека тие го слават Ванчо Михајлов, не јас, ниту СДСМ, ниту најголем дел од нашите сограѓани. Веднаш по отворањето на Центарот, за што веќе ви кажав дека не се согласувам, дадов насоки на надлежните ресори, министри, да направат анализа зошто немаме законска регулатива со која ќе се спречат вакви и слични имиња да бидат користени. И најважно, да подготват законска основа за соодветно третирање на истите, рече Ковачевски.
Тој соопшти дека има во план директно да го информира неговиот бугарски колега Кирил Петков, дека како Влада, во текот на оваа година, имаат намера да отворат културен центар на Република Северна Македонија во Благоевград.
- Името на Центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја. И ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето, и рече Ковачевски на пратеничката Мизрахи.
Тој потенцира дека од формирањето на оваа Влада пристапот кон источниот сосед е односите да не бидат на наративот на национализам и популизам, туку на теми кои се свртени кон иднината и кои ќе донесат бенефит на граѓаните на двете држави, одговарајќи на прашање од Мизрахи за континуираните провокации на високи бугарски претставници и нивниот негаторски однос кон Македонците.
Во врска со наводниот нацрт-документ од преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија, Ковачевски истакна дека таков документ во Владата не постои.
- МНР во рамките на своите надлежности, има отворено разговори за размена на идеи и концепти за постигнување документ кој може да биде основа за решавање на отворените прашања. Во моментов не постои усогласен документ кој може да биде донесен до Владата во Скопје и Владата во Софија. Прво тој ќе биде разгледан од Владата, но и од Собранието, подвлече Ковачевски.
Во однос на поднесувањето неговата оставка и свикување предвремени парламентарни избори, Ковачевски рече дека избори ќе има во 2024 година, на кои ќе победи претседателски кандидат на партиите кои сега се дел од Владата. ир/сп/