• сабота, 21 декември 2024

Владика Партениј: Странските дипломати секогаш одеа прво во црква, па на семејна трпеза, а за нас гозбата беше приоритет

Владика Партениј: Странските дипломати секогаш одеа прво во црква, па на семејна трпеза, а за нас гозбата беше приоритет

Дебар, 8 јануари 2024 (МИА) - Епископот Антаниски г. Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир во неговото Слово пред гостите во манастирот за време на Бадниковата вечер, во пресрет на Христовото раѓање – Божиќ изрази задоволство од големото присуство на верници.

-Кога доаѓав наваму, монасите ми кажаа дека имаме многу гости. И како и секогаш, во мене почувствував голема возбуда и благодарност поради тоа. Зашто, не го наследивме сето ова што го имаме сега. Ние не го наследивме овој сјај што сега го гледате во манастиров. И не ми се важни ѕидините и инвентарот во манастирот, туку овој сјај што го гледам во вашите очи, блесокот што го забележувам во вашата желба да бидете со Христа. Оти, некогаш Манастирот беше празен. И не само овој Манастир, туку и повеќето од храмовите низ нашата држава беа празни, кажал владиката, објави Бигорски манастир.

Меѓу другото го опишал односот кон овој празник и како го славеле странските амбасадори уште во 90. години од минатиот век, а како тоа го правеле македонските политичари.

-На многумина им беше некако издегустирано и здосадено да слават Нова Година по кафеани, на плоштади, по кафулиња, без никаква смисла и цел. И кога ќе слушнеа дека таму некаде во манастир се славела Нова Година на некаков поинаков начин, со некакво си бдение, тоа им се чинеше интересно. Некои доаѓаа дури и од чисто љубопитство и некако со подбив: „Што ли ќе прават сега монасите в манастир за Нова Година? Па ајде да појдеме и да видиме“. И така почнаа да доаѓаат, па ќе се сретнеа со монасите, ќе се запознаеја и полека-полека, сѐ повеќе и повеќе млади влегуваа во верата, додал игуменот на Бигорската обител.


Се потсетил и на анкета од пред три децении.

-Се сеќавам на една анкета, некаде во 1991 или 1992 година, кога новинари ги прашуваа странските дипломати во државата како го прославуваат Божик во нивните земји. И сите тие, Англичани, Французи, Германци, Американци што ги имавме тука, одговорија дека наутро прво одат на миса, на богослужба, а потоа на семеен ручек. Кога ќе ги прашаа, пак, нашите, тие велеа: „Божик е празник за семејна средба и ручек“. Ништо повеќе. Ни Бог, ни богослужба. Дури и веднаш ќе ги кажеа рецептите и јадењата што ги јадат за Божик. Значи, толку беше заборавен евхаристискиот живот кај нас, што за Рождество в црква се одеше можеби само за да се запали една свеќа и ништо повеќе, посочил владиката.

Тој со порака дека човекот може да биде среќен само тогаш кога во љубовта ќе се сретне со својот Создател. 

-И најважно, да Го пресретнеме Христа и да Го затвориме во своето срце до крајот на животот. Така ќе бидеме најбогатите луѓе, бидејќи Он е најголемото богатство што можеме да го примиме, не е само за овој свет, туку и за во идниот. Да сте ми благословени и убав Божик, посакал владиката Партениј на Бадниковата вечер во големиот манастирски синодикон, при пеењето на Божикните каланди. вт/аа/

Фото: Бигорски

 

 

Остани поврзан