• понеделник, 23 декември 2024

Влада: Мерките даваат резултат, 5 - 10 отсто намалени цените на основните производи

Влада: Мерките даваат резултат, 5 - 10 отсто намалени цените на основните производи
Скопје, 16 јуни 2022 (МИА) - Од Владата соопштуваат дека одлуката за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените веднаш даде резултат. Посочуваат дека цените на основните производи се намалени за 5 - 10 отсто. Од владината прес-служба посочуваат дека корекција на цените се прави од денеска, а ќе продолжи и во претстојните денови. Соопштија дека најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука. - Владата континуирано ја следи состојбата и во услови на најавени нови покачувања на цените на производите интервенираше веднаш за да го заштити стандардот на граѓаните. Заклучно со 30 септември 2022 година за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало, се наведува во владиното соопштение. Од Владата најавуваат дека во периодот кој следи, интензивно продолжуваат контролите за трговците, со цел да нема драстично зголемување на маржите и истите соодветно да се санкционираат. Посочуваат дека Владата и во иднина ќе ја следи состојбата и доколку условите на пазарот налагаат, ќе се разгледа можноста одлуката да продолжи до крај на 2022 година. фф/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан