• сабота, 23 ноември 2024

Владата ја објави листата на лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори

Владата ја објави листата на лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори
Скопје, 12 април 2021 (МИА) - Владата денеска ја објави листата на лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените. Листата на професионални соработници, велат од Владата, потврдува дека нема „тајни хонорарци“, туку транспарентно ангажирани стручни лица за извршување задачи за Владата преку кои институциите им служат на граѓаните.
-Како што беше најавено во текот на минатата недела, Владата на Република Северна Македонија денеска ја објавува листата на лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените, откако претходно беа извршени консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани. Листата е достапна во секцијата Отворена влада на владината веб-страница, односно на следниов линк: https://vlada.mk/angazmani-avtorski-dogovori . Согласно заложбата на Владата за отвореност, транспарентност и достапност на сите информации од интерес на јавноста, објавувањето на оваа листа потврдува дека нема тајни хонорарци, ниту се анонимни, ниту тајно ангажирани. Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, за колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост, се вели во денешното соопштение од Владата. Внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, посочуваат иттаму, била мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица. -Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните, велат од Владата. Во таа насока, како што потенцираат, упатуваат јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство. -Уште еднаш категорично ги отфрламе сите дезинформации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. Тоа не е точно бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата, се вели во сооштението. Исто така, од Владата ги отфрлаат и како неточни и информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“ Тоа, велат, е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни вести, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните. сст/дма/

Остани поврзан