• вторник, 05 ноември 2024

Вицепремиерот Димитров во Охрид оствари повеќе средби со светски и европски високи претставници

Вицепремиерот Димитров во Охрид оствари повеќе средби со светски и европски високи претставници
Скопје, 1 јули 2021 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска на маргините на Преспа Форум Дијалогот, имаше средби со светски и европски високи претставници, на кои било разговарано за стратешкото партнерство на Северна Македонија во евро-атлантската заедница и клучните реформски процеси како поддршка во таа насока. На средбата со помошник-државниот секретар на САД, Филип Рикер, вицепремиерот Димитров изразил благодарност за засиленото ангажирање на САД во однос на Западен Балкан, како потврда на заедничките геостратешки цели и интереси. - Поддршката од САД како особено важен стратешки партнер е двигател на сериозни процеси во земјата и регионот насочени кон унапредување на мирот, безбедноста и стабилноста, каков што е и процесот на пристапување на Западниот Балкан кон Европската Унија, рекол Димитров, соопштија денеска од СЕП. Во таа насока, од американска страна била нагласена посветеноста на САД за неодложно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Во текот на првиот ден од Форумот, вицепремиерот Димитров се сретнал и со заменик МНР на Грција, Костас Франгојанис, а го придружувал и премиерот Зоран Заев на средбата со поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас. - Со одминувањето на годините и продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, историската важност на овој договор ќе станува сѐ појасна и поочигледна. Тоа се чувствува на секоја заедничка средба и посета кога на агендата за разговори примарно се поставени иницијативите и проектите за јакнење на соработката и обезбедување на заедничка иднина, потенцирал вицепремиерот Димитров. Како што стои во соопштението, вицепремиерот Димитров остварил средба и со МНР на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, на која била истакната континуираната заложба на Хрватска за европската иднина на Северна Македонија и регионот. Во тој контекст, се подвлекува во соопштението, била истакната и одличната билатерална соработка која вклучува конкретна помош за јакнење на националните административни капацитети за усогласување со правото на ЕУ и споделувањето на хрватските искуства од преговарачкиот процес. - Нашиот евроинтегративен пат започна заедно со Хрватска, во Загреб ја парафиравме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, додека пак безусловната одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ ја добивме исто така за време на хрватското претседателство. Потребно е спроведување на оваа одлука за заокружување на процесот на обединување на Европа со државите од регионот, што е наша заедничка стратешка цел, рекол Димитров. Како што е најавено, вечерва Димитров ќе биде говорник на официјалното отворање на конференцијата посветена на „Патот до Преспа Договорот“. цр/дма/   ​​

Остани поврзан