• недела, 22 декември 2024

Вицепремиерот Груби ги охрабрува институциите да ги истражат наводите за корупција на функционери

Вицепремиерот Груби ги охрабрува институциите да ги истражат наводите за корупција на функционери

Гостивар, 16 август 2023 (МИА) – Треба да започнеме да им веруваме на институциите, да ги поддржуваме и да видиме дали сите тие обвинувања во јавноста се вистинити или не. Тоа го утврдува обвинителството и судот на крај, а не политичките партии и не препукувањата во медиумите, изјави  вицепремиерот Артан Груби коментирајќи новинарското прашање поврзано со изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер во која искажа разочараност од Владата дека не презема соодветни мерки кон лицата коишто се на „црната листа“ на САД, меѓу кои и неговиот сопартиец Рамиз Мерко.

- Владата нема ингеренции врз истражните активности коишто треба да се преземат по однос на кај било сомнеж. За тоа има ингеренции Јавното обвинителство, Обвинителството за организиран криминал и борба против корупцијата, јавниот обвинител, ДКСК, имаат судиите и ние ги охрабруваме сите институции да преземат дејствија и да ги истражат сите функционери, почнувајќи од премиерот, од Ахмети, од мене па сите други, рече Груби.

Тој посочи дека против него во Државната комисија за спречување корупција се отворени неколку предмети и побара јавно да се расчистат.

-Ги охрабрувам за секој сомнеж, посебно којшто го пријавуваат граѓаните и политичките партии за мене, за моите колеги и за сите нас во ДУИ, да отворат предмети, да ги истражат и да се оди до крај со целата таа постапка. Треба да ставиме крај на пропагандата. Треба да започнеме да им веруваме на институциите и да ги поддржуваме и да ставиме крај на пропагандата. Судот и обвинителствата ќе утврдат дали некои обвинувања се вистинити, а не политичките партии со препукувањата во медиумите, рече Груби во Гостивар. згм/хс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан