• понеделник, 23 декември 2024

Вицегувернерката Митреска на „Ерсте инвеститорскиот појадок“:  Банкарскиот сектор е стабилен

Вицегувернерката Митреска на „Ерсте инвеститорскиот појадок“:  Банкарскиот сектор е стабилен
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Банкарскиот сектор е стабилен, нефункционалните кредити се на ниско ниво и опаѓаат. Солвентноста, која е главен показател за способноста на банките да апсорбират шокови, останува и понатаму висока. Стрес-тестовите за 2022 и 2023 година ја потврдуваат севкупната отпорност на банкарскиот систем на макроекономски шокови. Сепак, потребна е претпазливост и будно следење на состојбите, рече вицегувернерката Ана Митреска на годинашниот „Ерсте инвеститорски појадок“ на банкарите и инвеститорите. Според Митреска, насоката во која ќе се движат монетарните политики на централните банки во претстојниот период е јасна, но треба да се има предвид и дека динамиката на затегнувањето на основната камата зависи од спецификата на самата економија. -Пред централните банки се поставуваат предизвици да дејствуваат во насока на справување со инфлацијата и закотвување на инфлациските очекувања, додека истовремено треба да внимаваат и на ограничување на негативните ефекти врз економијата и врз финансиската стабилност. Во време на висока неизвесност, шокови предизвикани од понудата и загрижувачки економски изгледи, се претпочита постепен пристап и носење одлуки засновани на податоци, истакна Митреска во обраќањето. Централните банки, додаде, се справуваат со специфични околности. Ценовните притисоци доаѓаат доминантно од страната на понудата, додека ризиците за економско закрепнување се сериозни. Сепак, инфлацијата, како што нагласи, трае подолго време и има се поширок опфат, што ги поттикна речиси сите централни банки да почнат со затегнување на монетарната политика. Зборувајќи за македонската економија, Митреска напомена дека нестабилното опкружување и енергетската криза создадоа притисоци и врз инфлацијата но и на девизниот пазар. Во такви околности, од крајот на 2021 година, Народната банка почна со нормализирање на монетарната политика преку повлекување ликвидноста со девизни интервенции. -Од април, нашата централна банка почна и со постепено зголемување на основната камата. Преку нагорни корекции во неколку наврати, основната камата е покачена кумулативно за 2,25 процентни поени. Затегнувањето на основната камата беше дополнето и со мерки за промени во системот на задолжителна резерва, во насока на поттикнување на денаризацијата, како и инвестиции во обновливи извори на енергија, рече вицегувернерката. Таа подвлече и дека е зачувана финансиската стабилност и покрај неизвесноста што ја донесе кризата и ризиците за прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор. мч/дма/  

Остани поврзан