Викендов, 13. издание на велосипедската тура „Независност“ по повод „8 Септември“
- Турата што традиционално по повод Денот на македонската независност - „8 Септември“, ја организира велосипедскиот клуб „Денда“ од Скопје, утре ќе се одржи по 13. пат.
Скопје, 2 септември 2023 (МИА) - Турата што традиционално по повод Денот на македонската независност „8 Септември“, ја организира велосипедскиот клуб „Денда“ од Скопје, утре ќе се одржи по 13. пат.
Велосипедската тура „Независност“, како што соопштија организаторите, е во должина од 100 километри и ќе стартува во 10 часот од населбата „Езерски лозја“ во близина на Струга, по што тројцата учесници ќе возат преку Охрид по стариот пат во правец кон Ресен, до крајната дестинација во Битола на „Широк сокак“.
На годинешното издание на оваа традиционална тура ќе учествуваат претседателот на велосипедскиот клуб „Денда“, 53-годишниот Дејан Момировски, неговиот 17-годишен син Дејан Момировски и Филип Арсов, на возраст од 42 години, обајцата велосипедисти во скопскиот клуб.
Велосипедската трка „Независност“ се одржува со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, а пред 12 години ја иницираа Дејан Момировски и Ѓорѓи Кузмановски, кој почина лани на 80-годишна возраст, оставајќи „силен белег во македонскиот спорт и афирмирајќи здрав живот и почит кон татковината“, како што соопштија организаторите. ег/бд/
Фото: МИА