• понеделник, 23 декември 2024

Видео од мајка со синџир околу вратот предизвика бес и шок во Кина

Видео од мајка со синџир околу вратот предизвика бес и шок во Кина
Пекинг, 31 јануари 2022 (МИА) - Видео од мајка на осум деца, затворена во селска колиба, со синџир околу нејзиниот врат, предизвика бес и шок во Кина, јави Би-Би-Си. Видеото го направи и објави на мрежата Дојин (Douyin), кинеска верзија на ТикТок, лице што ја посетил жената, по што е видно вознемирен од тоа што го гледа. Откако ѝ носи топли алишта, тој поставува неколку прашања, но таа не е во можност да му одговори. Откако видеото се прошири, кинески граѓани бараат властите да интервенираат и да ѝ помогнат на жената. Многумина дискутираат околу насилството врз жените и нивните лимитирани права во руралните средини низ Кина. Се поставуваат и прашања во кои услови жената ги родила осумте деца. На загрижените не им е јасно како ова им побегна на локалните власти, со оглед на тоа што Кина има строги ограничувања кога е во прашање планирање на семејството. На видеото се гледа жената зашеметена и не може да сфати што човекот ја прашува. Тој пак, неколку пати ја прашува дали ѝ е студено. Таа носи алишта кои не се доволни за да ја заштитат од студените зимски температури. Поединци го споредуваат случајот со кинескиот филм од 2007, со наслов „Слепа планина“ (Blind Mountain), кој ја раскажува приказната за млада жена, киднапирана и продадена во ропство. Властите тврдат дека не станува збор за киднапирање. Тие сега започнаа истрага за сопругот на жртвата. Според нив, жената е во болница на лекување, а децата се земени под државна грижа. На жртвата, додаваат, неодамна ѝ била дијагностицирана шизофренија. Онлајн дискусијата за случајот е силно цензурирана откако се разгоре во петокот,  јави Би-Би-Си. Властите отстранија многу објави, на кои се разговараше за трговија со луѓе. бд/ссм/  

Остани поврзан