• петок, 22 ноември 2024

Вештачката интелигенција би можела да укине 7,9 милиони работни места во Велика Британија

Вештачката интелигенција би можела да укине 7,9 милиони работни места во Велика Британија

Лондон, 27 март 2024 (МИА) - Развојот на вештачката интелигенција би можел да доведе до укинување на 7,9 милиони работни места во Велика Британија, а најзагрозени категории се жените, младите работници и вработени кои се послабо платени, се вели во новиот извештај на Институтот за истражување на јавните политики.

Институтот истакна дека воведувањето нови технологии за вештачка интелигенција во следните три до пет години според „најлошото можно сценарио“ најмногу ќе ги загрози работните места со скратено работно време, почетните позиции на работа и административните работни места, пренесува „Гардијан“.

Голем број британски компании прифаќаат генеративни технологии за вештачка интелигенција, кои можат да читаат и креираат текст, податоци и софтверски код, за да ги автоматизираат секојдневните задачи на работното место.

Анализирајќи 22.000 задачи во економијата кои покриваат секаков вид на работа, Институтот за истражување на јавните политики наведува дека 11 отсто од задачите што моментално ги извршуваат работниците се загрозени.

Ова, сепак, може да се зголеми на 59 проценти од задачите во вториот бран бидејќи технологиите се развиваат за да се справат со сè покомплексните процеси. 

Генеративната вештачка интелигенција може да доведе до големи пореметувања на пазарот на трудот или да поттикне економски раст, и во секој случај ќе ги промени животите на милиони луѓе, рече вишиот економист во Институтот, Карстен Јунг. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан