• сабота, 21 декември 2024

Ветеринарите се собраа пред АХВ, бараат средба со директорот Бабовски

Ветеринарите се собраа пред АХВ, бараат средба со директорот Бабовски
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Претставници на Ветеринарната комора и на ветеринарни друштва од земјава по денешниот состанок за состојбите во секторот се упатија кон Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) каде, како што најавуваат, директно ќе ги соопштат своите барања. Ветеринарите претходно предупредија дека ситуацијата е алармантна и дека ако Владата не преземе итни мерки доведен ќе биде во прашање нивниот опстанок. Тие бараат усвојување на методологијата за формирање цени која е веќе утврдена, итно зголемување за 30 отсто на сите цени за превентивните ветеринарни услуги кои се на товар на државниот буџет, како и 50 отсто кофинансирање на вакцинацијата против болеста ентеротоксемија кај овци и кози. -Директорот на АХВ бил спречен да дојде на нашиот денешен состанок. Затоа, ние се упативме кај него, а имаме три конкретни барања: усвојување на методологијата за формирање цени која е веќе утврдена од работната група со претставници на АХВ, МЗШВ и Ветеринарната комора, итно зголемување за 30 отсто на сите цени за превентивните ветеринарни услуги кои се на товар на државниот буџет, како и 50 отсто кофинансирање на вакцинацијата против ентеротоксемија кај овци и кози која засега е на товар на сопствениците на грлата, изјави за МИА извршниот директор на Комората, Томислав Николовски. Како што истакнува Николовски, ветеринарите ќе го причекаат Бабовски, но ако тој не се појави во догледно време, најверојатно ќе замнинат пред МЗШВ. Ветеринарната комора во повеќе наврати досега предупредуваше дека секторот е пред колапс и дека опстанокот на ветеринарните друштва е доведен во прашање што може да има несогледиви импликации врз сточарството, како и врз справувањето со актуелните и идни здравствени предизвици. Комората реагираше и со допис до премиерот и до министерот за земјоделство. мч/дма/

Тагови

Остани поврзан