Верен нов портпарол на француската влада, пошироката реконструкција во текот на денот
- Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го назначи својот поранешен министер за здравство Оливие Веран за нов портпарол на неговата влада, објави денеска француската телевизија БФМ, пред по
Париз, 4 јули 2022 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го назначи својот поранешен министер за здравство Оливие Веран за нов портпарол на неговата влада, објави денеска француската телевизија БФМ, пред пошироката реконструкција на владата што се очекува во текот на денот.
Веран е познат како технократ кој како клучен министер за време на пандемијата на Ковид-19 ја водеше земјата низ голем дел од здравствената криза.
За министер за здравство ќе биде назначен Франсоа Браун, доктор со искуство во итните служби, додека Кристоф Беш, актуелниот министер за односи со локалните власти, ќе го добие ресорот за животна средина, објави телевизијата БФМ.
Поранешниот министер за европски прашања Клеман Бон треба да стане нов министер за транспорт.
Како што пренесуваат француските медиуми, реконструкцијата стана неопходна за Макрон откако некои министри беа поразени на изборите за Долниот дом на Парламентот минатиот месец, принудувајќи ги да се повлечат, во согласност со француската политичка традиција.
Актуелната владина портпаролка Оливија Грегоар победи во трката за парламентарно место во богат париски кварт, додека францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер изјави за радиото Франс Интер дека ќе остане на својата сегашна позиција. паг/