Вербална нота од Атина до Анкара за турскиот брод „Чешме“
- За новата турска навигациска информација Навтекс издадена за бродот „Чешме“, Грчката амбасада во Анкара реагирала со вербална нота до Турција, а ќе следи и писмен демарш, откри портпаролот на
Атина, 18 февруари 2021 (МИА) – За новата турска навигациска информација Навтекс издадена за бродот „Чешме“, Грчката амбасада во Анкара реагирала со вербална нота до Турција, а ќе следи и писмен демарш, откри портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
- Навигациската информација издадена од станицата во Измир се однесува на меѓународните води, но морам да потенцирам дека оваа Навтекс, самата по себе е нелегална, бидејќи едноставно станицата во Измир не е надлежна да издава Навтекс за конкретниот регион, објасни Папајоану, соопштувајќи ја реакцијата од Министерството за надворешни работи.
Во однос на следниот круг прелиминарни контакти меѓу Грција и Турција што треба да се одржат во Атина, портпаролот на грчкото МНР рече дека чекаат одговор од турската страна.
- Имаме доставено предлози за датум за следниот круг прелиминарни разговори што ќе се одржат во Атина, говориме за почетокот на март, првата седмица од март. Има време турската страна да одговори и очекуваме одговор на предлозите што ги доставивме, рече Папајоану.
Според грчките медиуми, Турција издала Навтекс за океанографскиот брод Чешме од денеска до 12 март. ср/ми/