• сабота, 29 јуни 2024

Велковски: Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока цел

Велковски: Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока цел

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, заедно со претставникот на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, денeска во детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден присуствуваа на промоција на проектот: „Градење на здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст", информираат од МТСП.

-Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока национална, општествена и лична цел, потенцирал Велковски и додал дека здравата и безбедна храна е неопходност за подобар раст и развој на децата, особено во првите години од животот.

Во рамките на соработката со УНИЦЕФ почнала и реализацијата на проектот: „Градење на здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст", во партнерство со Асоцијацијата ЕДУЛЕНД, а активно учество во проектот земало и Здружението за одржлив развој АРЕТЕ.

-Како резултат на овој проект произлегоа едукативни обуки кој што почнуваме да ги пилотираме првично во 4 градинки за вработените во предучилишните установи, а понатаму во план е да опфатиме уште 30 градинки низ целата држава. Она што ме радува е дека на овие обуки учесници се вработените во детските градинки: директор, стручни работници и соработници, воспитувачи, негуватели и вработени во кујните каде се приготвува храната за децата. Исто така се изработи и Прирачник со насоки за здрава исхрана, рекол техничкиот министер за труд и социјална политика.  

Велковски додал дека воспитувачите и негувателите од раното детство имаат клучна улога во обликувањето на здравите прехранбени навики на децата, не само преку храната што ја нудат во градинките, туку и, како што рекол, преку однесувањето што го моделираат, нивните интеракции со децата за време на оброците, дискусиите и активностите што ги преземаат со децата.  

-Од овие причини, практичното унапредување на нивните професионални компетенции има големо значење, потенцирал министерот за труд и социјална политика во техничката Влада. сст/дма/

фото МТСП

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан