• понеделник, 23 декември 2024

Велковски: Спортот е моќна алатка за зајакнување на младите, развој на основните животни вештини и поттикнување на регионалната соработка

Велковски: Спортот е моќна алатка за зајакнување на младите, развој на основните животни вештини и поттикнување на регионалната соработка

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) - Учењето на спортски техники и правила помага во развојот на дисциплина, тимска работа, комуникација и лидерство. Овие вештини се преносливи и корисни во многу аспекти од животот. Спортот создава можности за младите да се запознаат, да се спријателат и да работат заедно. Ова помага во градење на кохезивни заедници и поттикнува разбирање меѓу различни култури, изјави заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

На настанот насловен „Регионална соработка и зајакнување на младите преку спортот“ во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка - РИКО (RYCO), Амбасадата на Германија и Германското друштво за меѓународна соработка -ГИЗ (GIZ), Велковски посочи дека организирањето на спортски настани и турнири помеѓу државите во регионот поттикнува соработка и пријателство. Според него, овие настани можат да служат како платформа за дијалог и разбирање,

- Регионалната соработка игра клучна улога во зајакнувањето на младите. Со споделување на ресурси, знаење и искуства, регионот може да создаде појак систем за поддршка на младински иницијативи. Ова вклучува заеднички програми, проекти и размена на идеи, што дополнително ја зајакнува социјалната кохезија и создава платформа за инклузивен развој, порача Велковски.

На настанот се обратија и Генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и Јан-Аксел Вос, заменик амбасадор на Сојузна Република Германија во Скопје, кои ги споделија нивните активности во овој домен и ја нагласија важноста на спортот. 

Според Хани, спортот ги соединува луѓето и прави платформа за поврзување и градење доверба. 

Додека, Аксел Вос, рече дека е многу важно спортот да се користи на вистински начин за да биде инструмент за соработка. 

Сесиите кои ќе траат до утре ќе вклучуваат излагања од претставници на Владата, граѓанските организации, едукатори, спортски професионалци и млади.

Главните теми ќе бидат зајакнување на младите преку спорт, регионална соработка преку спорт и интеграција на спортот во програмите за развој на млади. ар/нд/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан