• понеделник, 23 декември 2024

Велковска: Наместо одговор како „Лајка“ ги троши парите на граѓаните, добив небулозни изговори

Велковска: Наместо одговор како „Лајка“ ги троши парите на граѓаните, добив небулозни изговори
Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) -  „Лајка“ е јавно претпријатие кое се финансира од нашите граѓански пари, кое според последниот ребаланс на Буџетот на Скопје доби дури 23 милиони денари на годишно ниво, а освен тоа владејачкото мнозинство си усвои и одлука со која им наметна на десетте скопски општини да одвојуваат по два милиони денари годишно за заловување на бездомните животни, па побарав да ми се дадат сите влезни и излезни фактури за неговата работа, но тоа досега не се случи, информира денеска Драгана Велковска, носителот на листата на  кандидати за советници на Град Скопје на „Зелен хуман град“. Велковска на денешната прес-конференција, одржана пред ЈП „Лајка“, појасни дека претпријатието одбива да даде информации за трошењето на финансиите под изговори, кои. според неа, се небулозни. - Јас како членка на советот на Град Скопје имам право, а претпријатието има обврска според Деловник и според останатите акти, да обезбеди секаква информација која јас како членка на Советот ќе ја побарам и да ми ја достави во форма каква што јас ја барам. Иако јас со месеци барав од претпријатието да ми бидат доставени сите влезни и излезни фактури за неговата работа тоа досега не се случи и тоа е очигледно злоупотребување на службената положба и очигледно прикривање на финансите на претпријатието. Не може да се каже дека она што го пласира како извештај на неколку месеци или годишно е доволна информација за да можат граѓаните да бидат информирани на кој начин се трошат нашите пари, истакна Велкоска. Таа додаде дека фактурите кои ги побарала на 30 декември 2020 се уште не ги добила. - Од тогаш до денеска, јас ги немам добиено фактурите. Ги носам двете жалби кои ми беа уважени од Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер и со тие две жалби се поништуваат решенијата кои „Лајка“ ги издала кон мене, а во кои се наведени небулозни изговори за да не ми бидат доставени влезните и излезните фактури на претпријатието, изјави таа. Според неа, другиот проблем е што и самите сопственици на миленици го обвинуваат претпријатието за рекетирање и заложништво на нивните миленици од страна на претпријатието. Велковска тврди дека активистите за заштита на животните се целосно игнорирани, освен „во ситуации за извесни Пи-Ар потреби, кога има некакви состаноци или кога доаѓаат избори“. - По доаѓањето и влегувањето во Советот на активистите и советниците на „Зелен хуман град“, не само „Лајка“, туку и сите јавни претпријатија и Градот Скопје ќе бидат целосно отворени за граѓаните. Ние не смееме да дозволиме нашите пари да бидат чувани во тајност, односно начинот на кој тие се трошат да биде тајна, бидејќи тоа е суштинска спротивност на секаков демократски процес кој секаде се случува во светот, потенцира таа. Веловска оцени дека „Лајка“ работи неефективно и придонесува за зголемување на проблемот, наместо за негово решавање, за што, според неа, алармираат и активистите. свс/сп/

Остани поврзан