• недела, 22 декември 2024

Велика Британија ќе ги предводи силите за брза реакција на НАТО во 2024 година

Велика Британија ќе ги предводи силите за брза реакција на НАТО во 2024 година

Брисел, 28 декември 2023 (МИА) - Велика Британија ќе ги предводи силите за брза реакција на НАТО во текот на следната година, соопшти денеска Алијансата.

Британската 7-ма лесна механизирана бригада ќе ги предводи силите за брза реакција на НАТО од 1 јануари 2024 година, ставајќи илјадници војници во готовност и подготвени да се распоредат во рок од неколку дена, се вели на веб-страницата на НАТО.

Заедничките оперативни сили на НАТО за многу висока подготвеност (ВЈТФ) беа формирани по руската анексија на Крим во 2014 година и за првпат беа распоредени за колективна одбрана на Алијансата по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Велика Британија го презема раководството на ВЈТФ од Германија, која ги предводеше силите во текот на 2023 година.

-Оваа бригада треба да биде подготвена да се движи во рок од неколку дена каде и да има потреба од НАТО, што ја прави клучен дел од нашата колективна одбрана. Водството на Обединетото Кралство на нашата формација со највисока подготвеност е јасна демонстрација на нејзините способности и посветеност на НАТО, рече в.д. портпаролот Дилан Вајт.

ВЈТФ е дел од поголемите сили за одговор на НАТО во кои се вклучени и воздушните и поморските сили.

Во 2024 година, копнените сили на ВЈТФ ќе се состојат од околу шест илјади војници, со борбениот тим на Седмата лесна механизирана бригада - „Пустински стаорци“ - во неговото јадро.

Бригадата се состои од лесен коњанички полк и четири лесни механизирани пешадиски баталјони со артилериски, инженерски, логистички и медицински полк. Единиците ги вклучуваат Кралскиот англиски полк и Кралската шкотска гарда.

Првата полска оклопна бригада од Варшава и шпанската бригада Гузман ел Буено ќе обезбедат тешки борбени тенкови, нападни хеликоптери и воздушна одбрана. мс/

фото: Википедија

Остани поврзан