• понеделник, 23 декември 2024

Велешки пливачки маратон 2022

Велешки пливачки маратон 2022
Велес, 18 септември 2022 (МИА) - На велешкото езеро „Младост“ денеска ќе се одржи 9 - от Велешки пливачки маратон на 2,5 километри за рекреативци и за професионалци на 2,5, 5 и на 10 километри, што е олимписка дисциплина. Како новина годинава е трката на 800  метри за деца до 12 години. Еден круг од патеката во езерото ќе биде во должина од 1250 метри. Организатор е Општина Велес и Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ со повеќе спонзори, а под покровителство на Пливачката федерација на Македонија. За безбедноста на учесниците ќе се грижат 20 спасители на вода од Општинскиот Црвен крст, како и 30 кајакари од велешките кајак клубови. Досега се пријавиле 40- тина учесници од пливачките клубови во земјава и рекреативци, како и пливачи од Бугарија и Косово, информира меѓу другото Или Попов од организациониот одбор. Меѓу познатите македонски маратонци и годинава учество ќе земат најдобрите македонски маратонци Евгениј Поп Ацев и  Александар Илиевски. Регуларноста на пливачкиот маратон ќе ја следи и бодува Зоран Величковски, судија на ПФМ. Инаку, оваа е последна четврта трка за бодување од македонскиот Куп во далечинско пливање. Организаторот најави дека догодина 10 јубилеен Велешки пливачки маратон 2023 година ќе биде дел од Европскиот куп во далечинско пливање, за што постапката била веќе започната. Во својство на домаќин градоначалникот Марко Колев потенцира дека освен комуналната инфраструктура, главни приоритети во неговата работа му се развој на културата и спортот и ги повика сите заинтересирани во недела претпладне да ги проследат трките во пливање. Инаку, Општина Велес за оваа спортска манифестација издвои 200 илјади денари од општинскиот буџет. Паричните награди за најдобрите учесници во сите дисциплина за мажи, жени и деца како и во изминатите години ќе ги обезбеди „Вулканизер Дине“ како спонзор кој секоја година го подржува маратонот, а и самиот со своите синови е еден од највозрасните учесници рекреативци на  пливачкиот маратон. Учесниците, како и во изминатите години преку клубовите, додека рекреативците учесници сами треба да си обезбедат медицинска белешка од спортска медицина за нивната здравствена состојба. Воедно, учесниците според правилата,  од лекарска екипа ќе биде проверени и непосредно пред натпреварот, најавија организаторите. ад/  

Остани поврзан