• понеделник, 23 декември 2024

Веб-страниците на многу државни институции во Словенија беа недостапни неколку часа

Веб-страниците на многу државни институции во Словенија беа недостапни неколку часа

Љубљана, 30 ноември 2023 (МИА)  - Веб-страниците на голем број државни институции во Словенија, вклучително и на државните органи и на Народното собрание, денеска неколку часа беа недостапни поради, како што беше соопштено, дефект на мрежата.

Официјални лица рекоа дека прелиминарните информации не укажуваат на безбедносен инцидент или кибер напад, пренесува СТА.

Министерката за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, изјави дека утринава не работат веб-страниците, поштата и телефоните поради „дефект на мрежниот прекинувач“.

„Веднаш тргнавме да ја откриеме причината и да ја елиминираме со помош на експерти кои се задолжени за одржување на владината комуникациска мрежа“, објасни Стојменова Дух, додавајќи дека сите системи повторно работат.

„Во тек е детална истрага за причината за прекинот на системот. Според досега собраните информации, не станува збор за безбедносен инцидент или кибер-прекршување“, додаде Стојменова Дух.

Директорот на Националниот тим за итни случаи (SI-CERT), Горазд Божич, претходно денеска изјави дека техничките проблеми биле решени од Министерството за дигитална трансформација со помош на Академската и истражувачка мрежа на Словенија (АРНЕС). паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан