Вашингтон: Русија не го почитува последниот нуклеарен договор што ги поврзува
- САД денеска соопшти дека Русија не го почитува договорот „Нов СТАРТ“ (Strategic Arms Reduction Treaty) од 2010 година, последниот договор за нуклеарно разоружување што ги поврзува.
Вашингтон, 31 јануари 2023 (МИА) – САД денеска соопшти дека Русија не го почитува договорот „Нов СТАРТ“ (Strategic Arms Reduction Treaty) од 2010 година, последниот договор за нуклеарно разоружување што ги поврзува.
Москва минатата година објави дека го одложува ноемврискиот состанок со САД за инспекциите врз основа на договорот, обвинувајќи го Вашингтон за „непријателски“ и „токсичен“ став.
Последниот состанок на таа советничка комисија беше во октомври 2021 година.
Односите меѓу двете нуклеарни сили се на најниско ниво од почетокот на војната во Украина.
Во писмото објавено минатата недела, шефовите на неколку моќни комисии на американскиот Конгрес велат дека дејствијата и изјавите на Русија „покренуваат, во најмала рака, сериозна загриженост за нивното усогласување со договорот „Нов СТАРТ“.
Веднаш по доаѓањето во Белата куќа во јануари 2021 година, американскиот претседател Џо Бајден го продолжи времетраењето на тој договор за пет години, до 2026 година.