• вторник, 05 ноември 2024

Ватикан изрази жалење за навредливите сцени на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз

Ватикан изрази жалење за навредливите сцени на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз

Рим, 4 август 2024 (МИА)  - Ватикан соопшти дека жали за сцената на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, која беше пародија на сликата „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи.

„Светата столица беше натажена од одредени сцени на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз и не може, а да не се придружи на гласовите што се кренаа последниве денови за да се осуди навредата направена кон многу христијани и верници од други религии“, се наведува во соопштението објавено на француски јазик, пренесуваат британските медиуми.

На престижниот настан каде што целиот свет се собира околу заедничките вредности, не треба да има алузии кои ги исмеваат верските убедувања на многу луѓе, констатира Ватикан и посочи дека слободата на изразување, која очигледно не е доведена во прашање, ја наоѓа својата граница во почитувањето на другите.

Еден сегмент на церемонијата на отворање наликуваше на библиска сцена на Исус Христос и неговите апостоли како го делат последниот оброк пред распнувањето, но во него беа прикажани драг кралици, трансродова манекенка и гола пејачка која го прикажува грчкиот бог на виното Дионис.

Организаторите на Олимпијадата во Париз 2024 се извинија два дена подоцна, велејќи дека никогаш немало намера да не се почитува ниту една религиозна група.сд/

фото:Скриншот

Остани поврзан