• недела, 22 декември 2024

Василичарскиот обичај „Сурова“ одбележан во повеќе населби во Пијанец

Василичарскиот обичај „Сурова“ одбележан во повеќе населби во Пијанец
Делчево, 13 јануари 2022 (МИА) - Групи маскирани дечиња и годинава во предвечерието на христијанскиот празник Василица ги посетуваат домовите на домаќините во повеќе населби во Пијанец, пеејќи песни, како дел од обичајот „Сурова“.
Дарувајќи ги „суроваскарите“ со разни дарови, Живко Десподов од село Габрово изрази задоволство што традицијата годинава продолжи да живее.
-Минатата година поради пандемијата изостана овој обичај, поради што се радувам што оваа група „маскирани“ не ја одмина и нашата куќа. На „суроваскарите“ им посакувам многу здравје и бериќет во Новата година и уште долги години да ја одржуваат традицијата, рече Десподов.
Меѓу маските кои беа популарни и годинава можеа да се забележат мечка, невеста, младоженец и многу други кои ја имаа улогата на истерувачи на „злите духови“.
                  -За време на овој настан се маскираме, имаме различни маски, мечка, невеста. Ги посетуваме домовите на луѓето кои ни даваат ореви, ракија, бонбони, со еден збор кој што е во можност. Се надеваме во иднина ќе биде подобро, помасовно ќе го продолжиме адетот, само да заврши оваа пандемија, вели учесник во традицијата од село Габрово. Ваквиот обичај преку учество на маскирани групи од млади луѓе беше забележлив и низ улиците во градот Делчево. Извикувајки го поздравот „Сурова“ тие на домаќините им посакаа среќна Нова година. Вечерашниот настан е најава за утрешното масовно одбележување на популарниот карневал Ѕвегорска Сурова, кој годинава по пауза од една година ќе се одржи во делчевското село Ѕвегор.вс/свс/

Остани поврзан