• понеделник, 23 декември 2024

Вархеји ги повика Србија и Косово на враќање на дијалогот, ЕУ предлага можна средба меѓу Вучиќ и Курти во Брисел

Вархеји ги повика Србија и Косово на враќање на дијалогот, ЕУ предлага можна средба меѓу Вучиќ и Курти во Брисел
Белград, 22 септември 2021 (МИА) - Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји оцени дека е императив во односите меѓу Србија и Косово да се покаже воздржаност и да се намалат тензиите, враќање на дијалогот и обезбедување слобода на движењето без одлагање, јави дописникот на МИА од Белград. - Едностраните акции никогаш не се решение. Тие водат само до непотребни тензии и мора да бидат повлечени, напиша Вархеји на Твитер. Како што објави РТС, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак имаат телефонски контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со цел итно ублажување на тензиите во северно Косово и евентуално одржување состанок меѓу Вучиќ и Курти во Брисел. - Специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак се врати од Белград во Брисел и сите наши напори се насочени кон намалување на тензиите и враќање на дијалогот, изјавија за Танјуг дипломатски извори во Брисел, соопшти РТС. Во ЕУ забележуваат дека се подготвени да посредуваат во дијалогот меѓу двајцата лидери што би се одржал во Брисел, чија главна тема ќе биде решавање на моменталната ситуација во Косово. Според српките медиуми, кога станува збор за имплементација на Бриселскиот договор, кругови блиски до шефот на дипломатијата на ЕУ нагласуваат дека сите договори постигнати досега во дијалогот меѓу Белград и Приштина се „на маса“ и дека „никој не ги повлекол“. ЕУ, амбасадорите на Квинта и САД се целосно обединети во нивната порака дека е во интерес и на Белград и на Приштина да се смири ситуацијата на терен, и дека во спротивно двете страни се во загубa. об/паг/

Остани поврзан