• понеделник, 23 декември 2024

Вардар и поразен во Битола чекор поблиску до шампионската титула

Вардар и поразен во Битола чекор поблиску до шампионската титула
Битола, 20 мај 2021 (МИА) – Ракометарите на Вардар 1961 вечерва во Битола загубија од Еурофарм Пелистер со 29:25 (13:12), но и покрај првиот овосезонски пораз во домашното првенство актуелниот првак е на чекор до одбрана на титулата, откако ја зачува предноста од плус осум голови (35:27) од првата меѓусебна пресметка пред два месеци во Скопје. Ослабен без услугите на стандардните Стипе Мандалиниќ и Матео Мараш, екипата на Еурофарм Пелистер беше во константно водство во првото полувреме кое во неколку наврати изнесуваше максимални три голови разлика. Вардар на стартот на вториот дел направи резултатски пресврт и поведе со 14:13, а кратко потоа и ја зголеми предноста на плус три. Од тој момент битолскиот прволигаш заигра многу поквалитетно и стигна до највосоки плус пет (24:19), но немаа сили во финишот да стигнат до посакуваната победа од осум голови разлика. Мирко Радовиќ и Јосип Периќ со по седум голови беа најефикасни во редовите на Еурофарм Пелистер, додека кај Вардар, Тимур Дибиров постигна шест, а Иван Чупиќ пет голови. ег/аа/

Остани поврзан