• понеделник, 23 декември 2024

Вакцинираните Израелци без карантин по пристигнувањето во Грција

Вакцинираните Израелци без карантин по пристигнувањето во Грција
Атина, 26 март 2021 (МИА) – Задолжителниот седумдневен карантин, по пристигнувањето во Грција од вчера не важи за државјаните на Израел кои се вакцинирани и имаат соодветна потврда, согласно новите упатства од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Поконкретно, според авио упатства што се во сила до 5 април и се однесуваат само на израелските државјани, за патување во Грција потребен е сертификат за вакцинација на англиски јазик под услов: или да се поминати 14 дена од вакцинацијата или да има негативен ПЦР тест направен 72 часа пред пристигнувањето. Сертификатот мора да содржи име и презиме на лицето, вид на вакцина и број на примени дози, а оние кои ќе имаат потврда за вакцинација се ослободени од задолжителниот превентивен седумдневен карантин што важи за сите пристигнувања од странство, како и за посетителите од Израел кои не се вакцинирани. Со ова, всушност започнува и имплементацијата на сертификатот за вакцинација што беше договорен на почетокот на февруари за време на посетата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Израел и средбата со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху. Грчката Влада го одреди 14 мај, како можен термин за отворање на туризмот, во зависност од текот на пандемијата, а  согласно планот, за секој кој ќе сака да патува во Грција ќе треба или да биде вакциниран, или да има негативен ПЦР тест или да има прележано Ковид-19, додека пак при влезот ќе се прават и дополнителни тестирања, во зависност од земјата од која е пристигнувањето. ср/сд/

Остани поврзан