• понеделник, 23 декември 2024

Бурла: Интензивно работиме на годишна вакцина

Бурла: Интензивно работиме на годишна вакцина
Атина, 4 април 2022 (МИА) – Потребна ни е годишна вакцина и интензивно работиме на тоа, вели извршниот директор на „Фајзер“ Алберто Бурла во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина. Бурла објаснува дека повторувањата на дозите се заморни за луѓето и го намалуваат нивото на вакцинација. -Во овој момент, во средина со „Омикрон“ не е сигурно дека имунитетот од постоечката вакцина ќе трае една година, дури и по четвртата доза. Не е сигурно ниту за новата вакцина која ќе ги покрие сите мутации. Но, знаеме што можеме да направиме за да создадеме годишна вакцина. И на овој дел работиме многу интензивно, истакна извршниот директор на „Фајзер“. Дополнително изрази надеж дека набргу ќе биде готова новата вакцина што ќе ги покрива и мутациите и додаде дека е реална целта тоа да се случи пред следната зима. Говорејќи за третата и четвртата доза, рече дека постои огромна разлика меѓу оние кои не примиле бустер доза, за која истакнува дека дефинитивно е потребна, но и ако е поминато многу време по третата, треба да се прими и четврта доза. Тој истакна дека следната година животот на луѓето ќе биде блиску до нормалата пред пандемијата, објаснувајќи дека тоа не е само поради вакцините или фактот дека луѓето се уморни, туку затоа што сега постојат терапии, кои не се однесуваат само на последните фази, односно тешко болните. - Веќе имаме терапии за сите. Ако се разболиш од Ковид, можеш да земеш апче и да избегнеш болница, каде што веќе ќе се прима еден од десет што се хоспитализираат сега. Разликата е огромна и во голема мера ќе ги намали сериозноста на симптомите, приемите во болница и смртните случаи, вели Бурла за „Катимерини“. ср/паг/

Остани поврзан