• вторник, 05 ноември 2024

Буркина Фасо, Мали и Нигер ја обвинуваат Украина за поддршка на тероризмот во Сахел

Буркина Фасо, Мали и Нигер ја обвинуваат Украина за поддршка на тероризмот во Сахел

Уагадугу, 21 август 2024 (МИА) - Буркина Фасо, Мали и Нигер испратија писмо до претседателот на Советот за безбедност на ОН во кое ја осудуваат „отворената и јасна поддршка на меѓународниот тероризам“ од страна на украинската влада, особено во регионот на Сахел во Африка.

Овој потег следува по неодамнешните изјави на украински официјални лица кои сугерираа дека Киев одиграл улога во нападите на Туарешките сепаратистички бунтовници, кои минатиот месец резултираа со смрт на многу малиски војници во североисточниот селски град Тинзаватен, на границата со Алжир.

Во заедничко писмо, министрите за надворешни работи на трите земји изјавија дека нивните влади се шокирани од изјавите на Андриј Јусов, портпарол на украинското воено разузнавање, кој ја „призна улогата на Украина во кукавичките, варварските и криминалните напади“ извршени меѓу 24 и 26 јули.

Во писмото се додава дека забелешките биле потврдени од страна на Јуриј Пивоваров, украинскиот амбасадор во Сенегал.

Јусов изјави дека бунтовниците ги добиле „потребните информации“ за извршување на нападите, откако сојузниците на малиската армија од групата Вагнер на Русија потврдиле „загуби“ во судирите.  Вагнер делува во Мали од крајот на 2021 година, заменувајќи ги француските трупи и меѓународните мировни сили. Се проценува дека руската платеничка група има околу 1.000 борци во Мали, која, исто така, е обвинета за помагање во спроведување на рации и напади со дронови во кои се убиени цивили.

Писмото го повика Советот за безбедност на ОН „да преземе соодветни мерки против овие субверзивни дејства кои ги зајакнуваат терористичките групи во Африка“.

Во писмото исто така се вели дека изјавите на официјалните лица одат надвор од рамките на странско мешање, кое само по себе е за осуда.

„Ова е официјална и недвосмислена поддршка на украинската влада за тероризмот во Африка, особено во Сахел. Овие дејства исто така претставуваат повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашите држави, јасна агресија и поддршка за меѓународен тероризам, во флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и релевантните меѓународни конвенции,“ се вели делумно во писмото.

Трите земји, кои се под воена управа, потпишаа одбранбен пакт, наречен Конфедерација на државите на Сахел.

Регионот на Тинзаватен веќе една деценија е бојно поле меѓу сепаратистичките сили и малиската армија.

Мали и Нигер претходно овој месец ги прекинаа дипломатските односи со Украина, а за причина ги наведоа изјавите на украинскиот воен претставник кои сугерираат дека Киев одиграл улога во нападите во јули. ссм/

фото: архива

Остани поврзан