• недела, 22 декември 2024

Бугарското МНР „зачудено“ од реакциите за клубот „Ванчо Михајлов“

Бугарското МНР „зачудено“ од реакциите за клубот „Ванчо Михајлов“
Скопје, 22 април 2022 (МИА) - Бугарското МНР преку соопштение изрази зачуденост од позициите на властите во Скопје и антибугарската кампања во медиумите во врска со клубот „Ванчо Михајлов“. -Зачудени сме од остриот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања што се спроведува во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клуб при Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, се наведува во синоќешната реакција на бугарското МНР. Оттаму посочуваат дека во Северна Македонија повторно се шири омраза против Бугарија поттикната од политички партии, но и од академската заедница. -Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за добососедство и формиравме Заедничка комисија за историски прашања. Очигледна е потребата таа да направи вистински напредок на чувствителните теми во нашата заедничка историја, стои во реакцијата. Од бугарското МНР потсетуваат дека културниот центар бил регистриран според барања на локалната законска регулатива и работи од 2019 година, и оти неговото име досега не било предмет на никакви видливи негативни реакции кај надлежните и јавноста во Северна Македонија. Според нив, овие факти доведуваат до уверување дека кампањата започната во последните неколку дена не се однесува на името, туку е насочена против активностите на организацијата, активно вклучена во проблемите на Бугарите во земјава и остварувањето на нивните права. -Нагласуваме дека бугарската држава ќе продолжи да ги прави сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во Северна Македонија. Очекуваме од одговорните фактори во нашата соседна земја конструктивен придонес во тековниот процес на враќање на довербата и градење поволна средина за Бугарите во Северна Македонија, како и за секој што сака да развие пријателски односи со Бугарија, се додава во соопштението. Воедно, се потсетува дека бугарската држава последниве месеци направила „значителни напори за промовирање позитивна клима во билатералните односи“, како и дека „ќе продолжи да работи на градење на вистински добороседски односи, но и се потпира на своите партнери во Северна Македонија“. вг/са/

Остани поврзан