• недела, 22 декември 2024

Бугарска донација за општина Пустец, Колефски вели добредојдена е секоја помош што нема никаква заднина

Бугарска донација за општина Пустец, Колефски вели добредојдена е секоја помош што нема никаква заднина

Дебар, 14 септември 2024 (МИА) - Фондацијата „Бугарска меморија“ обезбеди уште една голема донација за потребите на граѓаните на општина Пустец, модуларна болница за брза помош опремена со целиот неопходен мебел и опрема, клупи за селата од регионот, копир апарати и принтери за потребите на администрацијата на општината, објави албанската државна агенција АТА.

Во присуство на претседател Милен Врабевски и претставници на фондацијата, како и амбасадорот на Бугарија, Ивајло Киров, примопредавањето на донацијата било во селото Голобочани, каде ќе биде поставена модуларната болница.

- Модуларната болница ќе обезбеди соодветни услови за прегледи и добивање соодветна терапија, поради кои жителите на селото во моментов се принудени да патуваат до Пустец или Долна Горица. Со тоа ќе се овозможи и присуство на медицински персонал во Глобочани. Донираните клупи ќе бидат поставени во центрите на селата во општината, наведува агенцијата. 

Апаратите за копирање и печатење ќе се користат во реновираната зграда на општина Пустец и се продолжение на донацијата на „Бугарска меморија“ направена во текот на април годинава. Тогаш беа донирани мебел и компјутерска опрема за потребите на општинската администрација, односно вкупно 25 компјутери, 25 монитори, 44 канцелариски маси, столчиња и друго.

- Да, денеска добивме нова донација од споменатата фондација. Ние сме мала, сиромашна општина. Секоја донација е добредојдена, доколку нема никаква политичка или друга заднина, рече кусо за МИА, градоначалникот Пали Колефски.

АТА потсетува дека во 2023 година, повторно со иницијатива и финансирање на „Бугарска меморија“,екипа специјалисти-кардиолози престојувала во Пустец пружајќи бесплатни прегледи на жителите на деветте села во општината а неколку месеци подоцна, бугарската фондација донирала медицинска опрема и потрошен материјал во Здравствениот дом во Пустец. Фондацијата во 2020 година донирала амбулантно и противпожарно возило и џип за општина Пустец. вт/лв/

фото: АТА

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан