• понеделник, 23 декември 2024

Бугарија, Романија и Турција ќе формираат Група за деминирање на Црното Море  

Бугарија, Романија и Турција ќе формираат Група за деминирање на Црното Море  

Брисел, 11 јануари 2024 (МИА) - Владите на Бугарија, Романија и Турција денеска во Истанбул треба да потпишат Меморандум за разбирање за формирање Поморска група за расчистување на мини од Црното Море и за осигурување на безбедност на морските патишта.  

Трите земји, членки на НАТО, нагласија дека иницијативата останува отворена за учество и на други држави сојузници кои не се дел од регионот на Црното Море.  

Според бугарското Министерство за одбрана засега е предвидено во Поморската група за расчистување на мини од Црното Море (МЦМ Црна Море) да учествуваат бродови за деминирање на трите земји сојузнички - Бугарија, Романија и Турција. 

Софија нагласува дека активностите на Групата нема да бидат насочени против која било друга земја и дека операцијата за деминирање на Црното Море треба да помогне „во подобрувањето на интеракцијата и добрососедските односи меѓу државите учеснички“. 

- Војната во Украина, што ја започна Русија, создава ризици за нашата територија и за безбедноста на бродовите. За да се минимизираат овие ризици, Воените морнарици на трите земји ќе се вклучат во расчистувањето мини, се надевам успешно, порача минатата недела бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев. 

Според најавите, по потпишувањето на Меморандумот ќе следи процес на оперативно планирање на целата акција за изработка на детални документи и упатства за активностите на Групата, процес кој се претпоставува дека би можел да потрае и неколку месеци.  

Формирањето на Групата го иницираше Турција лани во август, со цел да се обезбеди сигурноста на поморските патишта во Црното Море и да се намалат ризиците од инциденти со мините поставени по почетокот на руската агресија врз Украина.  

Причина за ваквата иницијатива се неколкуте случаи при кои бродови во Црното Море наидуваа на мини. Последниот инцидент се случи кон крајот на минатиот месец кога грчки товарен брод кој пловел под панамско знаме наиде на мина во Црното Море, при што од експлозијата беше предизвикан пожар на пловилото и беа повредени двајца морнари.  

По повлекувањето од Меѓународниот договор за извоз на украинско жито лани во јули, Русија соопшти дека секој странски брод во Црното Море ќе го смета за потенцијална воена цел.  

Потпишувањето на Меморандумот, доаѓа една недела откако Турција соопшти дека нема да им дозволи на два брода-деминери, донација од Велика Британија за Украина, да минат низ нејзините територијални води на пат кон Црното Море. Анкара уште претходно ги информираше своите сојузници од НАТО дека додека трае војната во Украина нема да дозволува воени бродови да минуваат низ Босфорот и Дарданелите.  сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан