• недела, 22 декември 2024

Бугарија реагира на „јавни коментари и лажни изјави“ на политичари од Северна Македонија

Бугарија реагира на „јавни коментари и лажни изјави“ на политичари од Северна Македонија

Софија, 7 март 2024 (МИА) - Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека вчера на сотстанок бил повикан вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Софија поради, како што се наведува, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“.

Во соопштението не е прецизирано на кои политичари и за кои тврдења се однeсува реакцијата, но се нагласува дека Софија „категорично се противи на обидот Бугарија и билатерални односи да се вклучуваат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања“.

- Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествен спокој за да може да се спроведат потребните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани, стои во соопштението.

Во него, бугарското МНР, „уште еднаш ја поканува политичката елита во Северна Македонија да ја покаже потребната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот од 2022 година и стиктно да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година“.

- Тоа е единствената можност да се постигне вистински напредок во процесот на европска интеграција на земјата за доброто на нејзините граѓани, се вели во реакцијата од Министерството за надворешни работи на Бугарија. са/нд/

Фото: МНР на Бугарија

 

 

Остани поврзан